ул. Мирослав Крлежа бр. 51-2/4 1000 Скопје Република Македонија contact@kks.org.mk +389 (0)70 268 608

Виртуелна прошетка на црквата Св. Никола, с. Псача

Историските податоци се оскудни, но се смета дека е изградена во 1354 година. Како нејзини ктитори се спомнуваат севастократот Влатко и неговиот татко, кнезот Пасхач. Во една повелба од 25 март 1358 година се спомнува приложувањето на црквата кон манастирот Хиландар од страна на властелинот Влатко.

За време на конзерваторските работи на оваа црква е утврдено дека натписот што се наоѓал над западната влезна врата е уништен во 1876 година, бидејќи во него се спомнувале кралот Урош и Волкашин. Уништени се и натписите на овие владетели на нивните портрети на северниот ѕид.

Црквата Св. Никола е поставена на правоаголен простор, а во основата има форма на впишан крст. На предната страна е изградена припрата над која, како некогаш и над централниот дел, се издига купола. Фасадате на црквата е профилирана и украсена со шари, изведени во керамопластика. На исток завршува со тристрана апсида. Изградена е од од кршен, клепан камен и тула.

Живописот е од времето кога е градена црквата и спаѓа во редот на најдобрите зографски остварувања од македонското средновековно сликарство. Зографите не се познати, но насликаните портрети на семејството на ктиторите третирани со голема доза на реалност покажуваат дека непознатиот зограф спаѓал во редот на талентираните и реномирани творци од средината на XIV век. Колоритот со овонредни нијанси на сино, бело и црвено ја покажува големата умешност и знаење на непознатиот псачки зограф.

Висока вредност имаат реалистичките портрети на ктиторите, кнезот Пасхач и неговата жена, кнегињата Озра, севастократот Влатко, неговата жена Владислава и синот Стефан.

Во XIX век биле извршени одредени досликувања, а на почетокот на XX век, на западната фасада, зографот Димитрие Андонов Папрадишки со својата препознатлива умешност претставил ликови на неколку светители.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука