ул. Мирослав Крлежа бр. 51-2/4 1000 Скопје Република Македонија contact@kks.org.mk +389 (0)70 268 608

Виртуелна прошетка на Црква Св. Богородица Болничка – Охрид

Црквата Св. Богородица Болничка се наоѓа во непосредна близина на т.н. Долна порта во средновековното утврдување на градот Охрид.

Црквата била изградена во периодот од 1365-67-та г. од страна на Јаков, игумен во црквата Св. Пантелејмон, Климентовиот манастир на Плаошник. Црквата била еднокорабна, градена од камен, тула и малтер, триесетина  години подоцна бил дограден трен од западната страна ѕидан од кршен камен и малтер, а во XIX век дограден е и тремот од јужната страна.

Најстариот зачуван фрескоживопис потекнува од XIV век од кој се зачувани композициите Поклонување на жртвата, Вознесението и Благовестие, преставите на Св. Василие Велики и Св. Јован Златоуст во апсидалниот дел, преставите на Димитрија, Ѓорѓи и Нестор и северниот ѕид и преставата на Дејзисот до самиот иконостас. Фрескоживописот е пресликан во 1834 година, но овој живопис е одстранет при конзерваторските работи во 1959/60 година, а сега е поставен во тремот на црквата.

Ореовиот иконостас со престави на стилизирани растенија, плодови и птици потекнува од 1833 година, а изработен е од страна на Никола Дарковски Караџовиќ.

Во 1864 година за црквата неколку икони насликува и Димитар Крстев Дичов, познат како Дичо Зограф.

Според легендите црквата Св. Богорица и црквата Св. Никола, го дибиле епитетот Болнички, бидејќи во средниот век се користеле како карантин за време на епидемии. Додека во Св. Никола биле сместени заболените мажи, во Св. Богородица биле сместени жени. Исто така при една крштевка починало новороденчето, при една венчавка невестата, а со декрет од 1694 година пронајден во охридскиот завод и музеј се забранува на секој архиереј кој ќе дојде во Охрид да врши каква и да било служба во црквите Св. Богородица Болничка и во соседната Св. Никола Болнички.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на Археолошкиот локалитет Вардарски рид

Археолошкиот локалитет Вардарски рид преставува повеќеслојна населба од неолитот, доцното бронезно време, железното време и античкиот период. Се претпоставува дека оваа античка населба е античкиот град Гортинија. Античката населба која започнала да се развива уште во железното време за во Архајскиот период да стане економски моќна и значајна населба во поширокиот регион во долното течение на реката Вардар.

Иако населбата настрадала во природна катастрафа во почетокот на V впне. на крајот на V век од ст.е., била подигната нова населба на истиот простор, со нов концепт на градби и нова организација на градот. Овој начин на урбанизација продолжил и во IV век од ст.е., а тоа е евидентно преку откривањето на архитектонските комплекси на градби, работилници и продавници. Во III век од ст.е. гледаме една нова населба, со нов концепт на живеење, различен од претходните слоеви.

Градот просперирал и во класичниот и во хеленистичкиот период, што било резултат на стабилизацијата на животот во времето на владеењето на Филип II и Александар III и нивните наследници на тронот. Развитокот на градскиот живот, трговијата, богатството на кралството и подоцна богатството на империјата, овозможиле градот да живее според стандардите на другите македонски градови во овој период.

Животот престанал на локалитетот во I век од ст.е. како резултат на римските освојувања, значително подоцна отколку во другите градови во регионот, но крајот бил дефинитивен.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на црквата Св. Јован Богослов Канео, Охрид

Иако не е сочуван ниту еден податок со што би можело да се утврди времето на градбата и фрескоживописот, но врз основа на архитектноските и иконогравските одлики црквата може да се датира кон крајот на XIII век.

Црквата е во форма на правоаголик со впишан крст, тространа апсида и октагонална купола. Градена е од кршен камен во долниот дел, а во горниот дел со комбинација од бигор и тула со што е постигната висока керамопластична декорација на фасадата. 

Со оглед на тоа што црквата во подолг период за време на Османлоскиот период била напуштена, придонело за уништување на фрескоживописот, кој иако е фрагментарно сочуван од иконографска гледна точка иако има посебно нагласена модификација на комненските елементи воглавно ги следи Комненските традиции и дава значајни податоци за средновековното сликарство во Македонија.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на Ротондата, с. Коњух, општина Кратово

Ротондата била откриена од локалните жители во 1918 година. Првите археолошки истражувања биел извршени во 1937 година,од страна на белградскиот археолог Светозар Радојчиќ.

Ротондата е една од ретките ротонди во Југоисточна Европа. Припаѓа на објектите со централно решение и купола. Изграден е во правоаголник, во кој била испишана кружната основа на централниот дел, над која се издигала купола. Должината на храмот е 23 m, а ширината од 7,50 до 14 m. Во црквата се влегувало од западната страна, а од источната страна имала апсида, полукружна одвнатре и правоаголна однадвор. Помеѓу централната преграда и олтарниот простор постоела олтарна преграда со шест орнаментирани столбови. Пред олтарниот дел стоел амвон од зелен песочник. Подот во презвитериумот е богато украсен со мермерни плочи со зеленикава боја во техниката opus sectile.

На еден од пронајдените столбови стои натписот „ΔOMATRIRS“, што се толкува како „DOMUS MARTIRIS“, „маченичка куќа“, а се претпоставува дека црквата била посветена на маченик.

Ротондата е датирана во времето на Јустинијан (527 – 565) или после него, но може да се датира и до крајот на IV век.

Во 1955 година на нејзиниот северозападен дел е изградена црквата „Свети Јован Крстител“.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на црквата Св. Архангели Михаил и Гаврил, с. Кучевиште, општина Чичер Сандево

Според преданијата црквата била подигната во времето на Крале Марко,  но најверојатно црквата била изградена во втората половина на XIV век во периодот помеѓу Маричката (1371) и Косовската битка (1389).

Во основа црквата е изградена во облик на развиен троен лист, со необично висока осмострана купола, која преку пандантифи лежи на четири квадратни столба. Била градбата од бигорни блокови, делкан камен, тули и малтер. На источната страна се наоѓа тристрана олтарна апсида со бифорен прозорец. . Црквата наликува на светогорските цркви, а самата архитектура и фрескоживописот укажуваат на богата донација на засега непознатиот ктитор.

Во средината на XVII век, односно во 1630/31 година била изградена припрата на западната страна, која била изградена од кршен камен, а во истиот период во неа бил изведен и фрескоживописот.

Според зачуваниот натпис над западниот влез во наосот, црквата фреските потекнуваат од 1591 година, а ктитор бил презвитер Никола, во времето на манастирскиот игумен Стефан. Зографите кои го насликале фрескоживопист на црквата се претпоставува дека потекнуваат и биле школувани во центрите од југ поради нивните црковно-грчки и словенски натписи.

Во темето на куполата е насликан Христос Пантократор, старозаветни светители помеѓу прозорите и еванелисите на пандатифите. Во поткуполниот простор се насликани Големите празници, доминантно место завземаат и Христовите чуда и параболи.

Освен стандардните престави фрескоживописот во кучевичкиот манастир поседува ретки и интересни фрески, невообичаени за Македонија и за централниот Балкан, како на пример пронаоѓањето на Светиот Крст во Ерусалим, воспоставувањето на култот на иконите во Византија, претставите на Јуда итн. Во припратата, на источниот ѕид, доминира „Страшниот суд“, каде што на страната на грешниците, се наоѓа и Александар Македонски. На западниот ѕид е преставена „Лозата Есеева“ односно библиска генеалогија на семејното стебло на Христос.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на археолошкиот локалитетот Цареви Кули, Струмица

Најстарите слоеви на локалитетот Цареви Кули досегаат до првата половина на V милениум пр. н.е, односно халколитот – бакарното време. Тогаш изникнала првата населба расположена терасесто на југоисточната падина на ридот, односно на стратешки одбран непристапен терен која настрадала во некои од турбулентните времиња кон средината на V милениум. Во овој период на падините биле нивелирани тераси на кои потоа биле градени живеалишта во кои најверојатно живееле помали заедници – кланови.

Животот на просторот на Царевите кули продолжува во времето на средната бронзена епоха, кога над населбата од раниот халколит се подига нова населба расположена на речиси истите тераси со идентичен начин на протегање на живеалиштата и тоа во две фази. Првата, постара фаза, е од преодниот период, односно самиот почетокот, додека дугата, помлада фаза, е од средината на средната бронзена епоха.

Кон крајот на V и почетокот на IV век пр. н.е Цареви Кули повторно добиваат нов импулс во населувањето, период од кој се откриени пет поголеми јами со кружна основа во кои се наоѓаше исклучителен материјал од македонскиот класичен период, односно V и IV век пр. н.е. Се работи за јами вкопани во лискунеста карпа на врвот од ридот и поставени во насока исток-запад во кој се пронајдени грнчарија од локално потекло, но и црно фирнајзирана керамика и некои форми на садови кои претежно се врзуваат со атичките работилници, монети, оружје, предмети употребувани во секојдневието и накит… Од овој период на просторот на Царевите кули биле пронајдени нарушени остатоци од барем едно погребување од IV век пр. н.е.

Во време на македонско-хеленистичкиот период активностите на локалитетот Цареви Кули наеднаш добиваат во својот интензитет. Во тој период најверојатно веќе имаме некаков организиран живот на платото, а пронајдени се повеќе гробови во кои бил застапен биритуален начин на погребување, односно со кремација и инхумација.

По освојувањето на Македонија од страна на Римјаните во текот на 148 год. пр. н.е животот на Цареви Кули продолжува но со нешто понамален интензитет. Единствено во првите години по освојувањето активноста е несмалена, а подоцна значајно опаѓа. Тоа најверојатно се должи на наездата од келтските племиња Скордисци од север кои подолго време, кон крајот на II век пр. н.е., ги пустошиле овие краишта. Истиот интензитет продолжува и во текот на I век во времето на Римската Империја, додека во II-III век сè уште имаме одредена активност, но таа и понатаму е со смален интензитет, а кон крајот на III век овие краишта се опустошени од Готско-херулската наезда.

Кон крајот на III или почетокот на IV век градот Струмица (Тивериопол) заедно со тврдината Цареви Кули е добро утврден град, веројатно благодарение на активностите преземени од страна на Диоклецијан или Константин.

По надоаѓањето на Словените во VI век, струмичката област била населена од словенските племиња Струмјани или Стримонци, и тоа најверојатно во почетокот на VII век. Тие името Астраион или Естреон го словенизирале во Струмица, а животот на доцноантичката тврдина речиси целосно замира.

Дури кон крајот на XI и почетокот на XII век се издига средновековната тврдина над Струмица, кога се појавуваат првите контури на денешните Цареви Кули. Тврдината била изградена со сите свои придружни елементи: Централната кула – Пирг, бедеми околу целото плато, одбранбени кули, цистерни за вода, гранариуми, објекти за живеење, коњушници, ковачници и средновековна црква. Ова најверојатно се должи на градителската активност на византиските цареви од лозата на Комнините (1081-1185 год), поттикната од опасноста на доаѓањето на Крстоносците и Норманите.

По освојувањето на Струмица од страна на Османлиите положбата на тврдината значајно се изменила, зашто таа останала длабоко во територијата и немала речиси никакво одбранбено значење. Сепак, се чини дека кон крајот на XIV и почетокот на XV век таа сè уште го имала својот одбранбен карактер. Последните извештаи за тврдината се од XVII век. Судејќи по описот на Евлија Челеби, тврдината била одамна напуштена и веќе почнала да се руши.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на црквата св. Илија, с. Грнчари, општина Преспа

Црквата посветена на старозаветниот пророк св. Илија претставува мала еднокорабна градба. Постарата црква е градена од камен, а при обновата на црквата користени се обработени камења и тули. Црквата е засводена со полукружен свод, аписидата е тристрана, а единствениот влез е на западната страна. Од северната и јужната страна се поставени контрафори за стабилизирање на градбата.

Во внатрешноста на црквата има живопис од два периода. Постариот е изработен во времето на изградба на храмот, а врз основа на стилската и иконографската анализа најстарите фрески од оваа црква се датираат во првата половина на XIII век. Од него е зачуван фрагмент од композицијата „Успение Богородичино“ и „Преображение Христово“.

Втората фаза на фрескоживописот е изработена при обновувањето на црквата во поствизантискиот период. Интересно е да се напомене дека на јужниот ѕид, зад иконостасот, претставен е св. Ахил, светец чиј култ бил особено карактеристичен и многу почитуван во околината на Преспа. Во оваа фаза повеќето натписи се на старословенски јазик, при што во натписот над композицијата „Дејсис“ се спомнуваат попот Димитар и син му Рајко како обновувачи на црквата „Св. Никола“.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелната прошетка на Античкиот театар во Охрид

Првите претпоставки дека во античкиот Лихнид (денешниот Охрид) постоел театар, ги дал рускиот историчар на уметноста Никодим П. Кондаков на самиот почеток на XX век, а веќе во текот на 1935 година, кога биле извршени првите археолошки ископувања, тие претпоставки биле потврдени и театарот бил делумно откриен. Подоцна, за време на ископувањата вршени во периодот 1959-1960 година, била одредена точната локација и големината на театарот.

Античкиот театар во Охрид бил изграден кон на крајот на III или почетокот на II век, во периодот на доцниот хеленизам и бил наменет за прикажување на драмски, музички и поетски претстави на љубителите на театарската уметност.

Бил граден по угледот на прочуените грчки камени градби од овој вид, со богата архитектонска декорација, особено на театарската зграда која што била украсена со фриз од барелјефни плочи на кои биле вклесани сцени од животот на боговите. На две такви мермерни плочи, кои денес се чуваат во Охридскиот музеј, претставен е богот Дионис во друштво со Музите.

Веднаш по римските освојувања на овие краеви во 148 година п.н.е., театарот, најверојатно за исклучително кратко време, бил приспособен за потребите на римскиот начин на живеење. Објектот бил преуреден во театарски простор со арена за гладијаторски борби и борби со диви ѕверови при што неколку од долните редови седишта биле урнати и на нивно место биле изградени неколку кафези за животните, а орхестрата со почесните седишта била заградена со заштитен ѕид. Подоцна во горната, надворешна зона бил изграден епитеатрон, со што капацитетот на театарот се зголемил до 5000 гледачи.

Во почетокот на IV век од новата ера и со христијанизацијата на населениет, биле разурнати сите пагански објекти во градот. Најверојатно во тие разурнувања страдал и театарот, а материјалот од неговите седишта и другите објекти подоцна бил користен за градење на ранохристијански базилики и многу други сакрални и профани објекти.

Систематските ископувања се започнати во 1977 и по прекин од шест години продолжени во 1984 година, а во текот на 1999 година започна проектот за негово целосно откривање и ставање во функција, а од 2001 година на сцената на отворениот реконструиран простор на античкиот театар повторно, по дваесет векови, се одржуваат драмски претстави, музички приредби и разни други манифестации.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на црквата Св. Никола, с. Псача

Историските податоци се оскудни, но се смета дека е изградена во 1354 година. Како нејзини ктитори се спомнуваат севастократот Влатко и неговиот татко, кнезот Пасхач. Во една повелба од 25 март 1358 година се спомнува приложувањето на црквата кон манастирот Хиландар од страна на властелинот Влатко.

За време на конзерваторските работи на оваа црква е утврдено дека натписот што се наоѓал над западната влезна врата е уништен во 1876 година, бидејќи во него се спомнувале кралот Урош и Волкашин. Уништени се и натписите на овие владетели на нивните портрети на северниот ѕид.

Црквата Св. Никола е поставена на правоаголен простор, а во основата има форма на впишан крст. На предната страна е изградена припрата над која, како некогаш и над централниот дел, се издига купола. Фасадате на црквата е профилирана и украсена со шари, изведени во керамопластика. На исток завршува со тристрана апсида. Изградена е од од кршен, клепан камен и тула.

Живописот е од времето кога е градена црквата и спаѓа во редот на најдобрите зографски остварувања од македонското средновековно сликарство. Зографите не се познати, но насликаните портрети на семејството на ктиторите третирани со голема доза на реалност покажуваат дека непознатиот зограф спаѓал во редот на талентираните и реномирани творци од средината на XIV век. Колоритот со овонредни нијанси на сино, бело и црвено ја покажува големата умешност и знаење на непознатиот псачки зограф.

Висока вредност имаат реалистичките портрети на ктиторите, кнезот Пасхач и неговата жена, кнегињата Озра, севастократот Влатко, неговата жена Владислава и синот Стефан.

Во XIX век биле извршени одредени досликувања, а на почетокот на XX век, на западната фасада, зографот Димитрие Андонов Папрадишки со својата препознатлива умешност претставил ликови на неколку светители.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелната прошетка на археолошкиот локалитет Маркови Кули, Прилеп

Марковите кули се наоѓаат на северната периферија на градот Прилеп. Во 2006 година Марковите кули се прогласени за споменик на природата.

Најстарите траги од користењето на овој простор се поврзуваат со времето на доцниот енеолит, кога на горните делови од ридот Маркови Кули егзистирала помала неутврдена населба, а на северните падини од возвишението Чардак се откриени остатоци од станбен објект лоциран во внатрешноста на една помала пештера.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука