ул. Мирослав Крлежа бр. 51-2/4 1000 Скопје Република Македонија contact@kks.org.mk +389 (0)70 268 608

Виртуелна прошетка на црквата Св. Никола Топлички, с. Бабино, општина Демир Хисар

Црквата Св. Никола, позната како Топлички манастир се наоѓа во атарот на с. Бабино, на 2 км. од регионалниот пат Битола – Кичево. Во минатото Топличкиот манастир бил не само религиозен, туки и книжевен и културно просветен центар во кој покрај црквата постоеле и конаци, библиотека и училиште кои за жал се одамна уништени.

Најстарите остатоци од религиозен карактер на просторот на Топличкиот манастир, утврдени со архолошки истражувања докажуваат постоење на ранохристијанска базилика од V-VI век, чии остатоци биле искористени како темели за подоцнежните градби. Во XIV век била изградена црква, која била срушена во XVI век, а зачуван е само западниот ѕид. Набргу по рушењето, според ктиторскиот натпис, црквата била повторно изградена и живописана во време на игуменот и еромонах Павнутие кој бил потпомогнат од Кир Димитар Пепиќ, кој бил кратовски кнез.

Топличкиот манастиор во XVI век прераснал не само во религиозен, туку и книжевен и културно просветен центар во кој се развивала книжевана, прешувачка и преведувачка дејност. Од манастирските конаци кои постоеле до XIX век, се наоѓале на јужната, западната и северната страна се зачувани само темелите.

Црквата има базиликална форма со припрата на западната страна и два правоаголни параклиса кои била доѕидани на јужната и северната страна.

Постариот живописот зачуван на западниот ѕид на црквата потекнува од крајот на XIV или почетокот на XV век, а по изградбата на новата црква во периодот помеѓу 1534/35 и 1537/38 година бил насликан живописот и тоа во наосот од страна на зографот Димитар од с. Леуново (Мавровско) , а во припрата од страна на Јован од Грамоста, кои ги носат карактеристики на сликарството за време на Османлискиот период. Иако мала по димензии, црквата Св. Никола е украсена со голем број на композиции од Големите празници, Христовите маки и страдања,  Христовите чуда и параболи, Апокрифниот живот на Св. Богородица, Житието на Св. Никола, како и поединечни стоечки и допојасни престави на светители.

За жал, денес црквата е запуштена и во лоша состојба како последица од минирањето од блискиот каменолом.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука