ул. Мирослав Крлежа бр. 51-2/4 1000 Скопје Република Македонија contact@kks.org.mk +389 (0)70 268 608

Виртуелна прошетка на црквата Рождество на пресвета Богородица, с. Сливница, Преспа

Според натписот над влезната врата црквата била изградена и живописана во период од 1607 до 1612 година во време на Јеромонах Никанур со помош на околнити и поодалечните села од Преспа и битолско. Во 1612 година бил изграден и нартексот, а во XIX век бил дограден и затворениот трем. Околните конаци, според документ од 1599 година биле изградени пред црквата. Во манстирот постоела и голема библиотека, но била изгорена од грчки владика.

Црквата е мала еднокорабна градба без купола со кров на две води и кружна апсида, градена од кршен камен и варов малтер, типична за црквите од тој период. Црквата, иако мала по градба, содржи сложена тематско-иконографска програма во која се насликани сцени од Големите празници, Христовите параболи и страдања. Во нартексот е насликан Богородичниот aкатист, а специфично за иконографијата е што на северната страна во олтарот е насликан портретот на Купен, син на Стојна и Михајло од Битола, насликан во свечена световна облека што е ретка престава во средновековните цркви.

Манстирската црква посветена на Рождество на пресвета Богородица позната како Сливнички манастир се наоѓа на 4 км североисточно од селото Сливница на падините на планината Баба (Пелистер)

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на црквата Воведение на Пресвета Богородица (Св. Спас), с. Кучевиште, општина Чучер Сандево

Црквата Воведение на Пресвета Богородица, која поради селската слава, Спасовден, исто така го носи и името Св. Спас, се наоѓа во селото Кучевиште на 17 км од центарот на Скопје.

Првобитната црква, главниот наос, според натписот на влезната била изградена околу 1330 година, при крајот на владеењето на кралот Стефан Дечански, под ктиторство на Благоверната Марена, жупанот Радослав, неговата сестра Владислава идната жена на војводата Дејан, кои се насликани на ѕидовите на припратата заедно со цар Душан и царицата Елена и нивните деца Јован и Димитар.

Во основа црквата има облик на впишан крст во правоаголен простор, со висока купола потпрена на четири столба со петострана апсида декорирана со ниши, колонети и керамопластика. Била изградена во комбинација на делкан камен, тули и малтер со фасади украсени со керамопластична декорација. На западната страна била во 1337 година бил дограден специфичен двокатен нартекс, посветен на Св. Никола, чие приземје било засводено со три полукружни свода, а горниот кат, на кој се пристапувало по скриени дрвени скали, имал облик на еднокорабен засводен простор. Подоцна, на западната страна на припрата и на јужната страна на црквата бил изграден широк отворен трем.

Живописот во олтарот и наосот бил изработен по изградбата на црквата во 1331 година од страна на зографот Глигорие, а Нартексот бил живописана во периодот 1332-1337 година.

Наосот и нартексот биле повторно живописани во 1501 година, а истото така биле насликани и јужната и западната фасада на црквата. Живописот карактеристилен за отоманскиот период е значително послаб од постарата фаза. Црквата била повторно целосно живописана, освен припратата од јужната страна, во 1874 година, но овие фрески биле симнати во 1956 година за да откријата постарите фрески.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на црквата Св. Богородица, с. Дреново, општина Кавадарци

Црквата е подигната на јужниот дел од селото Дреново, од каде се простира широка панорама према реката Црна и античкиот град Стоби. За градење на црквата бил употребен камен од Дреновската клисура, а со помош на керамички тубули водата била донесена од блискиот рид кај ,, Грбовечката Кула,,.

Црквата Св. Богородица е подигната за време на владеењето на цар Душан по својата архитектонска градба ги надминува сите останати цркви во целиот тиквешки крај.

Црквата била живописана и декорирана од зоргафот Димитрие во 1356 година, а сводот на јужниот ѕид на црквата, околу фреската на Св. Архангел се говори за живописувањето на црквата според кои истата е живописана во 1356 година ,, при државе Николе и Марко по смрти старонаго цара Стефана,,. Според една повелба од 1378 година, оваа црква властелинот Константин Дејановиќ е подарил како метох на светогорскиот манастир Св. Пантелејмон. За жал фрескописот е скоро целиот уништен, а останати се само мали фрагменти.

За жал за време на турското владеење црквата била запуштена и оштетена, осбено во нејзинот западен дел.     Меѓутоа сеуште останува енигма времето на ѕидањето на црквата, за извршените преправки, доградби на црквата, како изгледот на фреско живописот. Од изгледот и внатрешноста на црквата може да се види дека тоа е трикорабна куполна црква со крстобразна основа, имала две куполи носени од сводови: една над наосот, а другата над нартексот. Во своите основни линии оваа црква се поврзува со црквата Св. Софија во Солун, при што во Дреновската црква крстобразен бил не само централниот туку и западниот дел од црквата. Во констуркцијата на сводовите уште во првобитната градба, се употребувани антички столбови и капители, под кои се наоѓаат плочи со старогрчки натпис. Не е исклучено дека при ѕидањето на оваа црква да бил користен материјал од античките населби Еударист и Мотичани.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на манастирот Успение на Пресвета Богородица, Матка

Време на возобновување на црквата не е познато, ниту пак ктиторот. Се претпоставуваат дека црквата е изградена околу 1337 година од Бојко, син на непознатата властелинка Даница, а врз основа на спомнатиот натпис во црквата свети Никола во Љуботен каде се вели дека во овој период Бојко бил господар на Матка.

Според натписот на над влезнот во црквата, во 1497 година, извесна госпоѓа Милица ја затекнала црквата без покрив, ја покрила, живописала, подигнала припрата и купила лозје за манастирот.

Црквата е градена од камен и тула со основа на впишан крст впишан во квадратна основа со куполата која лежи врз осумаголен тамбур носен од масивни пиластири со тространа апсида.

Живописот кој најверојатно потекнува од 1497 година е дело на зограф од охридската школа, поставен е во четири зони: Големите празници, Христовите маки и страдања, маченици во медаљони и светителски фигури – дадени во цел раст. Во XIX век се изградени манастирскте конаци, а денес е активно женско монашко сестринство.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на Црквата Св. Ѓорѓи Победоносец, с. Младо Нагоричане

Црквата Св. Ѓорѓи Победоносец најверојатно е изградена е за време на владеењето на деспотот Стефан Лазаревиќ во почетокот на XV век, односно во 1407/08 година на темелите на постара црква.

Црквата во основа е трикорабна базилика со нартекс на западната страна и два влеза, на западната и јужната страна. Градена од делкани камени блокови, во чија архитектонска концепција се присутни карактеристични форми на грузиско-ерменското градителство со исламски влијанија, со својата импозантна градба е еден од најзначајните градби во Кумановскиот регион од времето на османлиското владеење.

Живописот на црквата е насликан по углед на црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, со одредени остапки, дополнување и решенија кои сопред концепција, престави и иконографски и стилски карактеристики од поствизантијскиот период, додека сликарството во куполата потекнува од XIX век.

Иконостасот во цркавата е изработен во 1892 година. Црквата се наоѓа на 700 метри од патот Куманово – Крива Паланка во атарот на с. Младо Нагоричане, општина Старо Нагоричане.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на Црква Св. Богородица Болничка – Охрид

Црквата Св. Богородица Болничка се наоѓа во непосредна близина на т.н. Долна порта во средновековното утврдување на градот Охрид.

Црквата била изградена во периодот од 1365-67-та г. од страна на Јаков, игумен во црквата Св. Пантелејмон, Климентовиот манастир на Плаошник. Црквата била еднокорабна, градена од камен, тула и малтер, триесетина  години подоцна бил дограден трен од западната страна ѕидан од кршен камен и малтер, а во XIX век дограден е и тремот од јужната страна.

Најстариот зачуван фрескоживопис потекнува од XIV век од кој се зачувани композициите Поклонување на жртвата, Вознесението и Благовестие, преставите на Св. Василие Велики и Св. Јован Златоуст во апсидалниот дел, преставите на Димитрија, Ѓорѓи и Нестор и северниот ѕид и преставата на Дејзисот до самиот иконостас. Фрескоживописот е пресликан во 1834 година, но овој живопис е одстранет при конзерваторските работи во 1959/60 година, а сега е поставен во тремот на црквата.

Ореовиот иконостас со престави на стилизирани растенија, плодови и птици потекнува од 1833 година, а изработен е од страна на Никола Дарковски Караџовиќ.

Во 1864 година за црквата неколку икони насликува и Димитар Крстев Дичов, познат како Дичо Зограф.

Според легендите црквата Св. Богорица и црквата Св. Никола, го дибиле епитетот Болнички, бидејќи во средниот век се користеле како карантин за време на епидемии. Додека во Св. Никола биле сместени заболените мажи, во Св. Богородица биле сместени жени. Исто така при една крштевка починало новороденчето, при една венчавка невестата, а со декрет од 1694 година пронајден во охридскиот завод и музеј се забранува на секој архиереј кој ќе дојде во Охрид да врши каква и да било служба во црквите Св. Богородица Болничка и во соседната Св. Никола Болнички.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на Археолошкиот локалитет Вардарски рид

Археолошкиот локалитет Вардарски рид преставува повеќеслојна населба од неолитот, доцното бронезно време, железното време и античкиот период. Се претпоставува дека оваа античка населба е античкиот град Гортинија. Античката населба која започнала да се развива уште во железното време за во Архајскиот период да стане економски моќна и значајна населба во поширокиот регион во долното течение на реката Вардар.

Иако населбата настрадала во природна катастрафа во почетокот на V впне. на крајот на V век од ст.е., била подигната нова населба на истиот простор, со нов концепт на градби и нова организација на градот. Овој начин на урбанизација продолжил и во IV век од ст.е., а тоа е евидентно преку откривањето на архитектонските комплекси на градби, работилници и продавници. Во III век од ст.е. гледаме една нова населба, со нов концепт на живеење, различен од претходните слоеви.

Градот просперирал и во класичниот и во хеленистичкиот период, што било резултат на стабилизацијата на животот во времето на владеењето на Филип II и Александар III и нивните наследници на тронот. Развитокот на градскиот живот, трговијата, богатството на кралството и подоцна богатството на империјата, овозможиле градот да живее според стандардите на другите македонски градови во овој период.

Животот престанал на локалитетот во I век од ст.е. како резултат на римските освојувања, значително подоцна отколку во другите градови во регионот, но крајот бил дефинитивен.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на црквата Св. Јован Богослов Канео, Охрид

Иако не е сочуван ниту еден податок со што би можело да се утврди времето на градбата и фрескоживописот, но врз основа на архитектноските и иконогравските одлики црквата може да се датира кон крајот на XIII век.

Црквата е во форма на правоаголик со впишан крст, тространа апсида и октагонална купола. Градена е од кршен камен во долниот дел, а во горниот дел со комбинација од бигор и тула со што е постигната висока керамопластична декорација на фасадата. 

Со оглед на тоа што црквата во подолг период за време на Османлоскиот период била напуштена, придонело за уништување на фрескоживописот, кој иако е фрагментарно сочуван од иконографска гледна точка иако има посебно нагласена модификација на комненските елементи воглавно ги следи Комненските традиции и дава значајни податоци за средновековното сликарство во Македонија.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на Ротондата, с. Коњух, општина Кратово

Ротондата била откриена од локалните жители во 1918 година. Првите археолошки истражувања биел извршени во 1937 година,од страна на белградскиот археолог Светозар Радојчиќ.

Ротондата е една од ретките ротонди во Југоисточна Европа. Припаѓа на објектите со централно решение и купола. Изграден е во правоаголник, во кој била испишана кружната основа на централниот дел, над која се издигала купола. Должината на храмот е 23 m, а ширината од 7,50 до 14 m. Во црквата се влегувало од западната страна, а од источната страна имала апсида, полукружна одвнатре и правоаголна однадвор. Помеѓу централната преграда и олтарниот простор постоела олтарна преграда со шест орнаментирани столбови. Пред олтарниот дел стоел амвон од зелен песочник. Подот во презвитериумот е богато украсен со мермерни плочи со зеленикава боја во техниката opus sectile.

На еден од пронајдените столбови стои натписот „ΔOMATRIRS“, што се толкува како „DOMUS MARTIRIS“, „маченичка куќа“, а се претпоставува дека црквата била посветена на маченик.

Ротондата е датирана во времето на Јустинијан (527 – 565) или после него, но може да се датира и до крајот на IV век.

Во 1955 година на нејзиниот северозападен дел е изградена црквата „Свети Јован Крстител“.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука

Виртуелна прошетка на црквата Св. Архангели Михаил и Гаврил, с. Кучевиште, општина Чичер Сандево

Според преданијата црквата била подигната во времето на Крале Марко,  но најверојатно црквата била изградена во втората половина на XIV век во периодот помеѓу Маричката (1371) и Косовската битка (1389).

Во основа црквата е изградена во облик на развиен троен лист, со необично висока осмострана купола, која преку пандантифи лежи на четири квадратни столба. Била градбата од бигорни блокови, делкан камен, тули и малтер. На источната страна се наоѓа тристрана олтарна апсида со бифорен прозорец. . Црквата наликува на светогорските цркви, а самата архитектура и фрескоживописот укажуваат на богата донација на засега непознатиот ктитор.

Во средината на XVII век, односно во 1630/31 година била изградена припрата на западната страна, која била изградена од кршен камен, а во истиот период во неа бил изведен и фрескоживописот.

Според зачуваниот натпис над западниот влез во наосот, црквата фреските потекнуваат од 1591 година, а ктитор бил презвитер Никола, во времето на манастирскиот игумен Стефан. Зографите кои го насликале фрескоживопист на црквата се претпоставува дека потекнуваат и биле школувани во центрите од југ поради нивните црковно-грчки и словенски натписи.

Во темето на куполата е насликан Христос Пантократор, старозаветни светители помеѓу прозорите и еванелисите на пандатифите. Во поткуполниот простор се насликани Големите празници, доминантно место завземаат и Христовите чуда и параболи.

Освен стандардните престави фрескоживописот во кучевичкиот манастир поседува ретки и интересни фрески, невообичаени за Македонија и за централниот Балкан, како на пример пронаоѓањето на Светиот Крст во Ерусалим, воспоставувањето на култот на иконите во Византија, претставите на Јуда итн. Во припратата, на источниот ѕид, доминира „Страшниот суд“, каде што на страната на грешниците, се наоѓа и Александар Македонски. На западниот ѕид е преставена „Лозата Есеева“ односно библиска генеалогија на семејното стебло на Христос.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука