ул. Мирослав Крлежа бр. 51-2/4 1000 Скопје Република Македонија contact@kks.org.mk +389 (0)70 268 608

Виртуелна прошетка на црквата св. Илија, с. Грнчари, општина Преспа

Црквата посветена на старозаветниот пророк св. Илија претставува мала еднокорабна градба. Постарата црква е градена од камен, а при обновата на црквата користени се обработени камења и тули. Црквата е засводена со полукружен свод, аписидата е тристрана, а единствениот влез е на западната страна. Од северната и јужната страна се поставени контрафори за стабилизирање на градбата.

Во внатрешноста на црквата има живопис од два периода. Постариот е изработен во времето на изградба на храмот, а врз основа на стилската и иконографската анализа најстарите фрески од оваа црква се датираат во првата половина на XIII век. Од него е зачуван фрагмент од композицијата „Успение Богородичино“ и „Преображение Христово“.

Втората фаза на фрескоживописот е изработена при обновувањето на црквата во поствизантискиот период. Интересно е да се напомене дека на јужниот ѕид, зад иконостасот, претставен е св. Ахил, светец чиј култ бил особено карактеристичен и многу почитуван во околината на Преспа. Во оваа фаза повеќето натписи се на старословенски јазик, при што во натписот над композицијата „Дејсис“ се спомнуваат попот Димитар и син му Рајко како обновувачи на црквата „Св. Никола“.

За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука