Најстарите слоеви на локалитетот Цареви Кули досегаат до првата половина на V милениум пр. н.е, односно халколитот – бакарното време. Тогаш изникнала првата населба расположена терасесто на југоисточната падина на ридот, односно на стратешки одбран непристапен терен која настрадала во некои од турбулентните времиња кон средината на V милениум. Во овој период на падините биле нивелирани тераси на кои потоа биле градени живеалишта во кои најверојатно живееле помали заедници – кланови.
Животот на просторот на Царевите кули продолжува во времето на средната бронзена епоха, кога над населбата од раниот халколит се подига нова населба расположена на речиси истите тераси со идентичен начин на протегање на живеалиштата и тоа во две фази. Првата, постара фаза, е од преодниот период, односно самиот почетокот, додека дугата, помлада фаза, е од средината на средната бронзена епоха.
Кон крајот на V и почетокот на IV век пр. н.е Цареви Кули повторно добиваат нов импулс во населувањето, период од кој се откриени пет поголеми јами со кружна основа во кои се наоѓаше исклучителен материјал од македонскиот класичен период, односно V и IV век пр. н.е. Се работи за јами вкопани во лискунеста карпа на врвот од ридот и поставени во насока исток-запад во кој се пронајдени грнчарија од локално потекло, но и црно фирнајзирана керамика и некои форми на садови кои претежно се врзуваат со атичките работилници, монети, оружје, предмети употребувани во секојдневието и накит… Од овој период на просторот на Царевите кули биле пронајдени нарушени остатоци од барем едно погребување од IV век пр. н.е.
Во време на македонско-хеленистичкиот период активностите на локалитетот Цареви Кули наеднаш добиваат во својот интензитет. Во тој период најверојатно веќе имаме некаков организиран живот на платото, а пронајдени се повеќе гробови во кои бил застапен биритуален начин на погребување, односно со кремација и инхумација.
По освојувањето на Македонија од страна на Римјаните во текот на 148 год. пр. н.е животот на Цареви Кули продолжува но со нешто понамален интензитет. Единствено во првите години по освојувањето активноста е несмалена, а подоцна значајно опаѓа. Тоа најверојатно се должи на наездата од келтските племиња Скордисци од север кои подолго време, кон крајот на II век пр. н.е., ги пустошиле овие краишта. Истиот интензитет продолжува и во текот на I век во времето на Римската Империја, додека во II-III век сè уште имаме одредена активност, но таа и понатаму е со смален интензитет, а кон крајот на III век овие краишта се опустошени од Готско-херулската наезда.
Кон крајот на III или почетокот на IV век градот Струмица (Тивериопол) заедно со тврдината Цареви Кули е добро утврден град, веројатно благодарение на активностите преземени од страна на Диоклецијан или Константин.
По надоаѓањето на Словените во VI век, струмичката област била населена од словенските племиња Струмјани или Стримонци, и тоа најверојатно во почетокот на VII век. Тие името Астраион или Естреон го словенизирале во Струмица, а животот на доцноантичката тврдина речиси целосно замира.
Дури кон крајот на XI и почетокот на XII век се издига средновековната тврдина над Струмица, кога се појавуваат првите контури на денешните Цареви Кули. Тврдината била изградена со сите свои придружни елементи: Централната кула – Пирг, бедеми околу целото плато, одбранбени кули, цистерни за вода, гранариуми, објекти за живеење, коњушници, ковачници и средновековна црква. Ова најверојатно се должи на градителската активност на византиските цареви од лозата на Комнините (1081-1185 год), поттикната од опасноста на доаѓањето на Крстоносците и Норманите.
По освојувањето на Струмица од страна на Османлиите положбата на тврдината значајно се изменила, зашто таа останала длабоко во територијата и немала речиси никакво одбранбено значење. Сепак, се чини дека кон крајот на XIV и почетокот на XV век таа сè уште го имала својот одбранбен карактер. Последните извештаи за тврдината се од XVII век. Судејќи по описот на Евлија Челеби, тврдината била одамна напуштена и веќе почнала да се руши.
За да ја погледнете виртуелната прошетка на цел екран притиснете тука
Last Updated: 23.05.2024 by kks.org.mk
Виртуелна прошетка на археолошкиот локалитетот Цареви Кули, Струмица

Category: Археолошки локалитети, Виртуелни прошетки, Новости
Последни новости
Категории